Струга одигра добро полувреме во Битола – ама пак доживеа двоцифрен пораз од Еурофарм Пелистер 2

За многумина беше изненадување почетното водство на Струга на гостувањето во Битола, особено што во 15. минута гостите водеа со 9-6. Но, тој почетен блесок на стружани не издржа многу, па до крајот на првото полувреме ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 го презедоа водството, а потоа и ја наполнија мрежата на гостите за триумф од 38-22.

Се понадеваа стружани дека со бодови од Битола ќе фатат приклучок со Куманово, и ќе го избегнат баражот за опстанок. Немаа сили, ниту ростер со кој Струга можеше да му парира на домаќинот. Како одминуваше времето, особено во второто полувреме така и играта на Еурофарм Пелистер 2 беше се подобра, а Струга „немаше душа“ да го следи тоа темпо.

Откако предност ја мина границата од „плус 10“ веќе немаше враќање, а гостите го „спуштија гардот“. Битолските ракометари само ја полнеа мрежата и на крајот стигна до највисоките „плус 16“ во 57 минута.

Битолчани остануваат на 2 место на табелата од плејаутот со 25 бода, еден помалку од Прилеп кој има и меч помалку. Во „мини лигата“ за опстанок веќе се е познато, односно најважното. Радовиш е речиси прволигаш, а Струга би требало да игра бараж со второпласираниот тим од Прва лига. До крајот на сезоната остануваат уште 6 кола.