Охриѓани со апел: Да ја оставиме политиката настрана и заедно да испишеме историја!

Охрид славеше на првата пресметка од четвртфиналето на ЕХФ Европскиот Куп против Олимпијакос на гостински терен со 31-25 и се наоѓа на чекор до историски пласман во ТОП 4.

Со оглед на случувањата минатата сезона во финалето меѓу „сино-белите“ од Автокоманда и грчкиот АЕК Атина, двете екипи се договорија да нема гостински навивачи во Атина и Охрид, а сега спортскиот директор на клубот, Славчо Ристески, упати апел до навивачите пред реваншот.

„Почитувани охриѓани, симпатизери, навивачи и љубители на ракометот! ГРК Охрид за градот од коло во коло на Европската сцена пишува историја! Одигравме одличен натпревар во Атина и се вративме како победници. Но, имаме уште 60 минути на домашен терен. Бевме одлично примени од екипата на Олимпијакос и натпреварот помина во одлична ракометна атмосфера. Ја повикувам публиката, симпатизерите и навивачите во сабота да бидат 8-от играч на ГРК Охрид и ветер во грб на нашите гладијатори. Ве молам со фер и најкоректно навивање и поддршка за нашите момци да му помогнете на клубот. Транспарентите во преполната сала Билјанини Извори да бидат исклучиво за поддршка на нашиот клуб и Македонија, да ја оставиме политиката настрана и да му помогнеме на нашиот град да испишува историја!“, се вели во обраќањето на Ристески кон јавноста.

Вториот меч меѓу Охрид и Олимпијакос се игра в сабота на 4 април од 18:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.