Како на Балканот – најголемите португалски ривали се „препукуваат“ преку соопштенија

Големото дерби во португалскиот ракомет меѓу Порто и Спортинг, кое гостите го добија со 33-30 во „Драгао Арена“, остана во сенка на сериозен конфликт надвор од теренот и жестоки меѓусебни обвинувања.

По натпреварот, Спортинг објави отворено писмо во кое остро го нападна својот ривал, оценувајќи го неговото однесување како „апсолутно одвратно“. Клубот од Лисабон најави и дека ќе побара итна средба со министерката за култура, млади и спорт на Португалија.

Од Спортинг тврдат дека не станува збор за изолиран случај, туку за континуиран модел на провокации и притисоци кои, според нив, сериозно го нарушуваат угледот на португалскиот спорт.

Најсериозната обвинување се однесува на случувањата непосредно пред почетокот на натпреварот, кога, според гостинскиот тим, во соблекувалната имало „токсичен и интензивен мирис“ кој влијаел врз здравствената состојба на дел од играчите. Поради тоа, тренерот Рикардо Кошта и пикерот Кристијан Мога не настапија, откако претходно им била укажана медицинска помош, а според медиумите завршиja во болница.

Спортинг наведува дека натпреварот го одиграл „под притисок“, бидејќи и покрај нивното противење, било одлучено дека има услови за одигрување.

И покрај сите проблеми, „лавовите“ стигнаа до значајна победа во Порто и направија голем чекор кон одбрана на титулата. Тимот го водеше асистентот Карлос Карнеиро, а на теренот недостасуваа тренерот Кошта, Мога и Натан Суарез.

Од друга страна, Порто „апсолутно, јасно и недвосмислено“ ги демантираше сите обвинувања. Од клубот ги оценија тврдењата како неосновани и навредливи, истакнувајќи дека веднаш стапиле во контакт со Ракометната федерација на Португалија и полицијата, со цел независна проверка на условите во соблекувалната.

Порто додаде дека е подготвен, со дозвола од федерацијата, да им овозможи пристап на медиумите во просториите на „Драгао Арена“.

Победата на Спортинг остана во сенка на една од најголемите контроверзии во португалскиот ракомет во последните години, а останува да се види дали надлежните органи ќе покренат дисциплинска постапка и ќе ја утврдат одговорноста за целиот случај. Според информациите, федерацијата веќе побарала од Дисциплинската комисија да го испита инцидентот.

СКАНДАЛOЗНО: Смрдеа од соблекувална испрати ракометар и тренер во болница!