Шампионот Еурофарм Пелистер по поразот од Вардар им се врати на победите во суперлигашкиот плеј-оф и славеше кај Бутел Скопје со убедливи 41-25.
Избраниците на Стевче Алушовски поведоа со 7-0 по десетина минути и ги расчистија дилемите околу победникот на овој натпревар.
Сега битолчани имаат 42 бода на второто место, четири помалку од лидерот Вардар, кој допрва ќе треба да го одигра својот натпревар против третопласираниот Охрид.

Домашните почнаа да погодуваат, но одбраната не беше на своето препознатливо ниво и битолчани немаа многу тешка задача да стигнат до голот.
На паузата гостинските ракометари водеа со 23-9, а второто полувреме беше одлична прилика за двајцата тренери да им дадат шанса на сите расположиви сили.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Хаџиќ и Манансков со седум, односно шест гола, додека голманите Хеидарирад и Брестовац комбинираа 15 одбрани.
Кај Бутел, кружниот напаѓач Михајловиќ отскокнуваше и успеа да погоди пет пати во мрежата на битолчани.
Во следното коло Бутел Скопје одново ќе игра на домашен терен, овојпат со „сино-белите“ од Автокоманда, додека Еурофарм Пелистер ќе го пречека Охрид.


























