Актуелниот македонски репрезентативец Мартин Серафимов би можел да биде едно од најзвучните имиња на домашниот ракометен пазар во периодот што следува. Според информациите што кружат во ракометните кругови, десниот бек е многу блиску до разделба со „сино-белите“ од Автокоманда, а интерес за негов ангажман има од неколку македонски клубови, меѓу кои се споменуваат Охрид, Вардар и Еурофарм Пелистер, додека опции се отвораат и надвор од државата.
Засега нема официјална потврда ниту од Автокоманда, ниту од некој од заинтересираните клубови, но јасно е дека името на Серафимов повторно силно ќе одекнува на трансфер пазарот. Особено што се работи за леворак играч, што е дефицитарна „роба“.
Тој е играч кој одамна не е само „потенцијал“, туку веќе изграден десен бек со сериозно искуство зад себе. За Македонија има повеќе од 35 репрезентатвни натпревари и настапувани и на ЕП и на СП.
Поникна во Металург, играше и за Металург 2, а потоа од 2021 година стана дел од проектот од Автокоманда клуб во кој израсна во едно од најважните офанзивни оружја.
Неговото име одамна е добро познато и надвор од Македонија. Уште како 17-годишник го привлече вниманието кога дебитираше за Металург во Лигата на шампионите и постигна три гола против Чеховски Медведи. Подоцна стана дел и од македонската селекција за Светското првенство 2019, што само потврди дека многу рано беше препознаен како еден од најголемите таленти на својата генерација.
Во јануари 2026 годинава влезе и во историјата на машката репрезентација кога го постигна 1.000-от гол за Македонија на европските првенства. Во моментов, најважното прашање не е дали има интерес за Мартин Серафимов, туку каде точно ќе заврши.

























