По завршувањето на сезоната со Ф4 во Лигата на шампионите и откако Барса се врати на европскиот трон, по доделувањето на паричните бонуси, неизбежно се отвора и прашањето за финансиската страна на овој спорт – која и понатаму е далеку од бројките што ги носи фудбалот, па и кошарката.
Споредбата често е сурова – најдобриот ракометар во светот годишно заработува колку што врвен фудбалер инкасира за неколку дена. Данскиот репрезентативец Симон Питлик неодамна го нарече тоа апсурдно, ако се земе предвид физичката потрошувачка и интензитетот на ракометот.
Еден од најдобрите играчи на денешницата, Матијас Гидсел, во германскиот Фуксе Берлин заработува околу 50.000 евра нето месечно. Во светот на професионалниот спорт тоа не е мала сума, но во споредба со фудбалот разликата е огромна. Од друга страна, ракометарите често истакнуваат дека за возврат имаат помирен живот и далеку помал јавен притисок.
По завршувањето на кариерите на Микел Хансен и Никола Карабатиќ, врвот на листата на најплатени ракометари го презедоа нови имиња. Црногорскиот репрезентативец Владaн Липовина, со договорот со Кувајт, заработува околу 800.000 евра нето по сезона, а со бонуси сумата надминува еден милион евра нето. Французинот Дика Мем во Барселона заработува околу 1 милион евра годишно.
Најплатен хрватски ракометар и понатаму е Домагој Дувњак, чија плата во Кил се проценува меѓу 700.000 и 800.000 евра бруто годишно. Лука Циндриќ заработува меѓу 500.000 и 600.000 евра годишно. Тоа покажува дека врвниот ракомет носи сериозна заработка – но само за тесен круг играчи во најсилните европски клубови.
Малку ракометари решаваат да останат во своите земји на Балканот барајќи подобри финансиски услови во другите лиги, пред се во Германија. Слична е ситуацијата и во Македонија. Кај нас не постои јавно објавување на договорите и платите, па повеќето информации се во домен на шпекулации.
Сепак, според проценките од ракометните кругови, само неколку клубови – практично екипите од ТОП 4 во македонската Супер лига, можат да понудат месечни примања што се движат над 3-4.000 евра, па се до 10.000 или 12.000 евра за најдобрите поединци. Во останатиот дел од лигата, платите се значително пониски, а дел од играчите имаат и дополнителни ангажмани покрај ракометот.
Но, предноста кај нас е што цените за живеење се пониски во однос на други земји, па може и повеќе да се заработи иако имаат помали примања. Во минатата сезона околу триесетина интернационалци настапуваа во Македонија, што покажува дека примањата се сепак солидни.























