По 14 години во дресот на Данска – заврши репрезентативната кариера на Менса Ларсен!

Еден од најзначајните дански ракометари во модерната ера, Мадс Менса Ларсен, официјално стави крај на својата репрезентативна кариера.

По повеќе од 14 години во дресот на Данска, Менса реши да се повлече од националниот тим, зад себе оставајќи богато наследство исполнето со највисоки успеси.

Менса беше дел од сите најголеми трофеи што ги освои Данска во изминатата деценија, а со бројот на настапи се наоѓа на 11. место на вечната листа на репрезентативци.

„Станува збор за институција во данскиот ракомет. Мадс беше еден од столбовите во целиот период откако сум селектор. Иако можеби не секогаш ја имаше најистакнатата улога на теренот, неговите човечки квалитети и лидерство беа од непроценливо значење за тимот. Неговото заминување е огромна загуба за сите нас“, изјави данскиот селектор Николај Јакобсен.

Кариерата на клупско ниво Менса ја продолжува во данскиот Скјерн.