Од тимот на Металург Автокоманда, кој беше кандидат за титулата во Супер женската лига, тешко дека ќе остане барем една постава. Поради беспарицата во клубот од Автокоманда и откако не земаа плата најмалку четири месеци досега заминаа шест ракометарки, а македонската репрезентативка Марија Јанкуловска е седмата која среќата ќе ја побара на друго место.
Нема да биде изненадување ако нивниот пат го следат уште неколку кои веќе размислуваат за нова средина. Јанкуловска доби одврзани раце да побара нов клуб, но засега не е познато каде ќе ја продолжи кариерата.
Претходно од клубот заминаа пикерот Сара Цветановска, левиот бек Сузана Зечевиќ, левото крило Анастасија Николовска, голманката Слободанка Кицеска и средниот бек Ива Божиноска во тимот на Спартак, додека десното крило Марија Гугуљанова се пресели во актуелниот шампион Ѓорче Петров.
Во клубот (засега) има уште квалитетни ракометарки – Софи Гошевска, Сара Миновска, Ана Марија Коларовска, Петра Јершек, Александра Коловска, Таида Беровиќ, Јана Ѓошевска…како и младите сестри Лашкоски, Ѓурческа, Димоска…но многу брзо и тие ќе си го „бараат чарето“.
Металург Автокоманда е клуб формиран пред неколку години, со исто име и иста адреса како поранешниот препознатлив ЖРК Металург, со додаденото Автокоманда како нов бренд. Наместо продолжување на традицијата, клубот денес се соочува со сериозни организациски и финансиски прашања.
Ако ваквата состојба продолжи, а очигледно продолжува бидејќи и подмладокот бара нови средини и проектот кој требаше да биде наследник на славното име Металург ризикува да се распадне среде сезона. Кога нема пари нема ни резултати.
Почна одливот од Meталург Автокоманда – заминаа Цветановска, Николовска, Гугуљанова…
Репрезентативно засилување за Ѓорче Петров: Марија Гугуљанова е нова „лавица“
























