Пролет останува без еден од најискусните ракометари!

Еден од најискусните ракометари во Пролет, Доне Мајнов, многу веројатно нема да настапува за клубот во пролетниот дел од сезоната.

Според информациите на 24Ракомет, 33-годишниот Мајнов ќе заврши со активното играње ракомет и ќе добие некоја функција во клубот.

Десниот бек комплетира една деценија во овој тим и му остана верен на Пролет десетина години, откако дојде од Металург Јуниор.

Претходно Пролет остана без Златко Даскаловски, Марко Мишевски, Никола Стоилевски, Марко Трајковски и Стефан Јовевски.

Клубот има одлична младинска екипа, па сигурно поголема шанса во пролетниот дел во сениорска конкуренција ќе добијат Костов, Дамчевски, Лешниковски, Ѓорчевски и останатите младинци.

Пролет сезонава ќе игра во битката за опстанок во Супер лигата, иако постојат теоретски шанси и за плеј-оф, но тешко дека тоа ќе се случи.