Еден од најсилните клубови во европскиот женски ракомет, данскиот Есбјерг се соочува со сериозни финансиски тешкотии, покажуваат последните финансиски извештаи. Иако клубот редовно настапува на највисоко ниво и е постојан учесник во Лигата на шампиони, бројките откриваат значителен минус што отвори прашања за одржливоста на моделот по кој функционира елитниот ракомет.
Поледните две сезони во Лигата на шампионите данскиот тим двапати ја освојуваше бронзата, а од 2022 година постојано е дел од Ф4 турнирот.
Есбјерг ја заврши сезоната 2024/2025 со загуба од околу 3,25 милиони дански круни, што изнесува приближно 500.000 евра. Ова претставува драматично влошување во споредба со претходната сезона, кога загубата беше околу 70.000 евра, што покажува колку брзо можат да се променат финансиските параметри дури и кај најстабилните клубови.
Од управата на клубот потенцираат дека засега нема опасност од банкрот и дека ситуацијата е под контрола, но признаваат дека трошоците за одржување на врвен тим растат многу побрзо отколку приходите. Спонзорствата, маркетингот, телевизиските права и приходите од натпревари не се доволни целосно да ги покријат расходите поврзани со ростерот, патувањата и организацијата.
Еден од клучните фактори за зголемените трошоци биле и неочекуваните кадровски промени. Клубот морал да реагира со дополнителни засилувања поради отсуството на повеќе ракометарки, меѓу кои имало четири случаи на бременост и една сериозна повреда на коленото. Овие ситуации довеле до дополнителни трансфери и повисоки трошоци од планираното.
Претседателот на клубот, Бјарне Петерсен, изјави дека екипата има силна поддршка од локалната бизнис заедница, но дека ќе биде неопходно уште поголемо вклучување на спонзорите за да се воспостави финансиска рамнотежа. Според него, амбициите на клубот мора да одат рака под рака со реални економски можности.
За да се стабилизира состојбата, акционерите на клубот во јуни 2025 година вложија дополнителни 3 милиони дански круни, односно околу 400.000 евра, со цел да се зајакне ликвидноста и да се обезбеди нормално функционирање во наредниот период.

























