Изборниот Конгрес на Светската ракометна федерација кој од денеска до недела ќе се одржи во Каиро, ќе биде еден од најинтересните во историјата на светскиот ракомет. Причината е јасна – дури четворица кандидати ќе се борат за функцијата претседател.
Актуелниот прв човек на ИХФ, Хасан Мустафа, и покрај тоа што во 2026 година ќе наполни 82 години, повторно влегува во трката за нов мандат, со што би ја продолжил својата ера што трае од далечната 2000 година. Сепак, овојпат Европа е решена посилно од кога било да се спротивстави на досегашниот начин на управување.
Најсилен европски кандидат е Герд Буцек, претседател на Форумот на клубовите и поддржан од Германската федерација, кој преку платформата „Ракометот заслужува повеќе“ најавува поголема транспарентност, стабилност и развој на клупскиот ракомет. Во трката се вклучи и Фрањо Бобинац, претседател на Олимпискиот комитет на Словенија, како и Тјарк де Ланге, човекот што стои зад подемот на холандскиот ракомет.
Сепак, Франција јасно застана зад Мустафа. Првиот човек на францускиот ракомет, Филип Бана, најави поддршка за Египќанецот, а според медиумите, токму Бана се гледа како негов можен наследник во блиска иднина.
И покрај силните европски кандидати, клучното прашање повторно е гласачката структура на ИХФ, која има 211 членки. Голем дел од тие федерации постојат само формално, но нивните гласови често ја одлучуваат судбината на изборите.
Дали Европа конечно ќе успее да направи пресврт по 25 години или Мустафа повторно ќе ја задржи власта, ќе биде познато по завршувањето на Конгресот во Каиро.


























