„Сите сме на ‘проба’ во Вардар до 1 јуни – потоа ќе се знае кој останува, кој си оди“

На прес конференцијата пред мечот со францускиот Тулуз, тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, говореше и за играчкиот кадар и за евентуалните засилувања.

Петмина ракометари се надвор од погон и нема да играат до крајот на оваа полусезона нема да играат Тузолана, Кеита, Лазаревски, Еспиња и Стаменковиќ, но и покрај тоа ростерот нема да се зголемува.

„Амбициите на Вардар секогаш се исти, мораш се да се освои, мора се да се победи. Секој пораз е трагедија, секој пораз е депресија и проблем. Големи клубови како што е Вардар секогаш има највисоки амбиции. Секогаш гледаме кон трофеите, целта секогаш е Ф4 без разлика дали играме во Лигата на шампионите или Лигата на Европа. Што се однесува до играчкиот кадар, имаме пет-шест повредени играчи кои треба да се вратат во втората полусезона, па моментално не размислуваме на промени, не знам каде би се засилиле. Не сме ние фудбалски клуб, сметам дека 23 ракометари се доволно за ова што треба да го одработиме. Не рамислуваме за промени. Сите ние заедно, јас, стручниот штаб и играчите сме на „проба“ до 1 јуни, а потоа клубот ќе одлучи кој треба да остане, а кој да си оди. Многу едноставно“, вели Чупиќ.

За Вардар следува дуелот против Тулуз од Лигата на Европа, а потоа пресметка со Тиквеш пред гостувањето во Битола и дербито со Еурофарм Пелистер.