Во соработка со ИХФ – РФМ донираше топки за 28 клубови

Ракометната федерација на Македонија реализираше уште еден од најавените проекти – донација на топки за клубовите во соработка со ИХФ.

По десет топки добија клубови од Супер женската лига, како и оние од Првата машка и Првата женска лига, односно вкупно 28 клубови.

Покрај топките, РФМ доби и нов герфлор од светската куќа на ракометот, кој ќе биде користен во иднина за настапите на македонските клубови и репрезентации на меѓународна сцена.

„Со особена чест и големо задоволство информираме дека оваа недела беше успешно реализирана донација на 10 ракометни топки за машките клубови од Првата лига, како и за клубовите од Женската Супер и Првата женска лига, во соработка со International Handball Federation (IHF). Ракометната федерација на Македонија продолжува посветено да ги поддржува клубовите, создавајќи подобри услови за развој и унапредување на нашиот спорт. Воедно, пристигна и новиот Gerflor под за потребите на Федерацијата – уште една значајна донација од IHF. Изразуваме голема благодарност до IHF за континуираната поддршка, довербата и вложувањето во македонскиот ракомет. Заедно градиме посилна иднина!“, се вели во објавата на РФМ.