Германија и Холандија од денеска ќе бидат во центарот на вниманието на ракометната јавност бидејќи ќе бидат домаќини на 32 светски селекции на Мундијалот што ќе се игра во пет градови – Трир, Штутгарт и Дортмунд, како и Хертогенбош и Ротердам.
Ова ќе биде третпат Мундијалот да го организираат две земји, а првпат по далечната 1999 година, кога домаќини беа Норвешка и Данска. Пет модерни арени – две во Холандија и три во Германија ќе ги пречекаат најсилните репрезентации во светот, додека големото финале и финалниот викенд ќе се одиграат во импресивната „Ахој Арена“ во Ротердам.
Селекциите минатиот викенд ги одработија подготовките за големиот настан и подготвени се за борба. Франција ќе го брани светскиот трон, а Норвешка ќе се обиде да се одмазди за поразот во финалето на сканди СП 2023.
Норвешките ѕвезди како Хени Рејстад, Катрин Лунде и Нора Мерк, холандските асови Луис Абинг, Естевана Полман и Дион Хаусхер, унгарските адути Петра Симон и Катрин Клујбер, како и данските ѕвезди Ане Мете Хансен, Џули Скаглионе…па француските шампионки Тамара Хорачек, Хадату Сако, Сара Буктит, ќе бидат дел од Мундијалот.
Денеска на програмата се четири средби од групите Ц и Д, каде што има јасни фаворити и се освен победи на Германија, Србија, Шпанија и Црна Гора ќе биде големо изненадување.
ДЕНЕСКА НА СП:
18:00 ГЕРМАНИЈА – ИСЛАНД (Ц)
18:00 ШПАНИЈА – ПАРАГВАЈ (Д)
20:30 СРБИЈА – УРУГВАЈ (Ц)
20:30 ЦРНА ГОРА – ФАРСКИ ОСТРОВИ (Д)
По завршувањето на групната фаза, најдобрите три селекции од секоја од осумте групи, ќе формираат четири групи во главната рунда по принципот (А+Б/Ц+Д/Е+Ф/Г+Х), додека најдобрите две од овие четири групи ќе играат четвртфинале пред да следува завршницата со полуфинале и финале. Најслабите осум селекции по прелиминарната рунда ќе играат во Президент Куп, кои ќе разигруваат за пласман од 25 до 32 место, додека останатите места од 5 до 24 место ќе се распределат според резултатите.


























