Претседателот на Руската ракометна федерација, Сергеј Шишкарев, во интервју за белоруската ТВ Спорт 5, зборуваше за можноста за создавање заедничко првенство меѓу Русија и Белорусија.
На прашањето дали го загрижува тоа што сè повеќе белоруски и други странски ракометари настапуваат во Русија, Шишкарев одговори дека странците го подигнуваат нивото на првенството.
„Во Русија се водат дебати околу ограничувањето на странци во клубовите. Но јас сум за конкуренција. Белоруските ракометари го подигнуваат квалитетот на нашето првенство. Не мислам дека сите ќе дојдат кај нас. Но мислам дека дојде време да разговараме за обединување на двете лиги. Со Владимир Коноплев, претседателот на белоруската федерација, досега не сме ја почнале таа дискусија, но верувам дека моментот е дојден“, вели Шишкарев.
Изјавите на Шишкарев доаѓаат во период кога руско-белоруските ракометни односи се во постојан подем, а идејата за заедничка лига станува сè пореална тема за разговор.


























