Атлетик без конкуренција – осум од осум во Првата лига

Тимот на Атлетик ја продолжи победничката серија во прволигашката конкуренција и храбро со крупни чекори оди кон Супер лигата. Избраничките на Татјана Хмирова славеа на гостувањето во дерби мечот над Ѓорче Петров 2 со 28-20.

Сега Атлетик има 16 бодови на првото место, додека Ѓорче Петров 2 останува на втората позиција со 12 бода. Во следното коло Атлетик ќе игра дома со Стружанка, а Ѓорче Петров 2 ќе ја пречека Деспина.

Домаќинките отворија подобро и поведоа во неколку наврати со по два гола предност, но Атлетик набрзина се врати во егал, се играше гол за гол во продолжение, а клучната залиха гостинките ја направија во финишот на полувремето.

По 8-7 за Ѓорче Петров 2, Атлетик направи серија од пет погодоци преку Кралева, Трпеска и Дамјановска за 12-8, а на паузата беше 12-10.

Во второто полувреме неизвесно беше до 40 минута. Тогаш Чурлиновска фати неколку удари во серија, битолчанките Босилковска и Дамјановска беше расположени во нападот и Атлетик отиде на 20-14, па до крајот немаше неизвесност околу победникот.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Дамјановска со шест и Величковска со пет погодоци, додека кај Ѓорче Петров 2, Димоска беше стрелец пет пати.