Ракометарките на Металург Автокоманда се несреќно елиминирани од ЕХФ Европскиот Куп, откако загубија со 26-25 во реванш натпреварот од хрватскиот Сплит во драматичен натпревар. Иако нашиот претставник имаше пенал по истекот на времето, сепак Божиноска не реализира и Сплит патува во осминафиналето. Првиот меч во Хрватска заврши 24-24, а доколку сега беше реализиран последниот удар ќе беше реми во вкупниот резултат, 50-50, па ќе требаше со удари од седум метри да се решава патникот понатаму, но за жал тоа не се случи.
Во првиот дел се играше израмнето петнаесетина минути до 7-7, а потоа гостинот знаеше како да ги казни грешките на избраничките на Дамчевска и отиде на плус пет, 12-7, а потоа беше и 14-9.
За момент нашите ракометарки се вратија на минус два, но наместо да го засилат темпото, тие попуштија и Сплит успеа да постигне уште три гола во серија за највисоки шест плус, 17-11 на паузата.
Металург Автокоманда по паузата ја преполови негативата преку одличните Коларовска и Божиноска, а гостинките играа груба одбрана, па често играта беше во прекин и нивните удари ги почувствуваа Јанкуловска, Цветановска, Коларовска…
Беше 20-17 за Сплит кога Рубиќ доби директен црвен картон, но нападот не беше искористен и хрватскиот состав одново имаше плус четири, 22-18. Кицеска одбрани пенали, а преку Гугуљанова нашиот можеше да стигне и на минус еден.
Сепак Плетикосиќ одбрани и Малеш казни на спротивната страна за 23-20. Гугуљанова не згреши вторпат и успеа да погоди за 23-21 на седум минути до крајот. Во последната минута се влезе со водство за Сплит, 26-24.
Гугуљанова од тежок агол намали на минус еден, Kицеска го одбрани хрватскиот напад и на десет секунди до крај Дамчевска побара тајм-аут. Јершек се избори за пенал, кој можеше да значи реми, и потоа нови удари од седум метри, но Божиноска ја погоди стативата и радоста на Сплит почна.
Божиноска беше најдобар стрелец со девет гола, а Коларовска даде седум, додека кај Сплит, се истакна Ерцеговиќ со седум погодоци.


























