Ракометарите на Охрид ги очекува втор европски предизвик оваа сезона, кој сигурно ќе биде многу потежок од претходниот ривал Баку од Азербејџан.
Во Охрид доаѓа босанската екипа Слога Добој, која не е наивен противник, но екипа против која „гладијаторите“ се фаворити за пласман во осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп.
Средниот бек Тилен Стрмљан, кој игра во одлична форма оваа сезона, го најави мечот со Слога.
„Станува збор за добра екипа и треба добро да се подготвиме. Сите знаеме кои се нашите планови оваа сезона за Европа. Ќе се обидеме на првиот натпревар да постигнеме што подобар резултат и да се пласираме во следното коло. Ќе биде тежок натпревар. Би ги повикал навивачите да дојдат во што поголем број да ни помогнат како и до сега и заедно да славиме“, изјави Стрмљан.
Натпреварот меѓу Охрид и Слога Добој се игра утревечер во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 18:00 часот.


























