Еурофарм Пелистер 2 ита кон плеј-оф, Прилеп падна во Битола!

Ракометарите на Еурофарм Пеистер 2 направија голем чекор кон суперлигашкиот плеј-оф, откако славеа над Прилеп со 31-28. Ова беше втор триумф над прилепчани за младите битолчани кои сега имаат 12 бода исто колку Тиквеш на петтото место, но кавадарчани се со меч помалку. Прилеп останува на осум бода и ќе има тешка задача да стигне до плеј-оф.

Предводници на битолчани во триумфот беа Митревски со осум голови, како и Мохамед Азиз и Баптист Одифед со по шест гола. Голманот Јовановски запиша седум интервенции. Кај прилепчани лидерот Димитриоски имаше десет гола, додека голманите Ангелески и Христоски имаа вкупно десет одбрани.

Во првиот дел се играше најчесто израмнето, иако домаќините во два-три наврати водеа со по два гола разлика. Сепак прилепчани се враќаа во егал, a во нивниот напад доминираше Димитриоски.

На паузата избраниците на Александар Зарков водеа со 13-11, а клучен период за нивниот триумф беше во првите пет минути од второто полувреме. Тогаш голманот Јовановски фати еден удар, неговите соиграчи искористија неколку гостински грешки и дадоа четири гола по ред за 18-13.

Гостинскиот стратег Наум Танески побара тајм-аут за да ги смири своите избраници, Димитриоски за момент од пенал намали на 18-14, но потоа следуваа уште два гола за битолчани за 20-14 и веројатно предвреме почнаа да ја слават победата.

Прилепчани не се демотивираа по високата негатива, па успеаја да се вратат во игра за позитивен резултат. Најпрво Азиз загуби топка, Шулески промаши еден напад, а Ангелески фати еден удар на домашните. За тоа време гостите ги казнија сите битолски грешки и се доближија на 24-22.

Тоа беше знак за Зарков да бара тајм-аут, па постот без гол го прекина Митревски, погоди во следниот напад и Одифред за 26-22 и до крајот домашните не дозволија нов камбек на Прилеп, па со тоа направија крупен чекор кон плеј-офот во Супер лигата.