Субашевски: Против себе имаме тим што се бори за титула, но ќе пробаме да се надигруваме

Ракометарите на Бутел Скопје го „архивираа“ мечот против Тиквеш, на кој покажаа карактер и срце и се вратија по голема негатива со можност да се изборат за бод на тешкото гостување.

Сепак тоа не им успеа, но тој меч е заборавен и сега вниманието е насочено кон гостувањето кај шампионот Еурофарм Пелистер во рамките на 12 коло од Супер лигата.

Левото крило Дамјан Субашевски се врати на терените по кратката пауза поради повреда и го најави мечот во Битола.

„Свесни сме дека против себе ќе имаме тим кој се бори за титула, поддржан од фантастична публика. Меѓутоа, нашата форма е во нагорна линија, ќе пробаме да се надигруваме во Битола. Еурофарм Пелистер навистина има широк и квалитетен ростер, што е нивната најголема предност. Тоа значи дека опасноста доаѓа од сите позиции посебно од надворешната линија. Нашата примарна цел е влез во плеј-оф, но оваа млада екипа го заслужува и петтото место оваа сезона“, изјави Субашевски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје се игра во салата „Боро Чурлевски“ утре од 18:00 часот.