Ракометарките на Металург Автокоманда имаат одлична можност да го продолжат својот европски пат и да се пласираат во осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп.
По ремито на гостински терен кај хрватскиот Сплит, 24-24, Металург Автокоманда го очекува реваншот на домашен терен, а кружниот напаѓач Сара Цветановска откри како се подготвуваат таа и нејзините колешки.
„Секој европски натпревар е тежок на свој начин, па и првиот беше таков. Ремито е резултат што остава простор да се поправиме и подготвени да влеземе во реваншот. Ги анализиравме грешките, знаеме каде можеме подобро и верувам дека во Автокоманда ќе покажеме вистинско лице. Имаме квалитет, карактер и верувам дека со добра енергија можеме да стигнеме до победата“, вели Цветановска.
Хрватскиот тим не е наивен, но не е ниту што не може да биде елиминиран.
„Сплит е солидна екипа која знае да ги искористи туѓите грешки, и токму тоа беше клучно во првиот натпревар. Нашиот фокус е пред сè на нашата игра да бидеме смирени, дисциплинирани и да го држиме ритамот од првата минута. Кога играме своја игра, покажуваме дека можеме да се носиме со секој противник“, продолжи Цветановска.
Во вакви натпревари, поддршката од трибините може да биде пресудна.
„Сакам да ги повикам сите љубители на ракометот да дојдат во што поголем број и да бидат нашиот осми играч. Нивната поддршка многу ни значи, а верувам дека на крајот заедно ќе го прославиме пласманот во осминафиналето“, заврши Цветановска.
Натпреварот меѓу Металург Автокоманда и Сплит се игра в недела во салата во Автокоманда со почеток од 15:00 часот.

























