Тимот од Скопје немаше проблеми на гостувањето во Штип победувајќи со 31-24, и Металург Автокоманда останува една од двете екипи во женската Супер лига кои се без пораз по 6 одиграни натпревари. Со овие 31 постигнат гол во гости „металурзи“ го имаат најдобриот напад во лигата со 198 постигнати гола и просек од 33 гола по натпревар.
Металург Автокоманда е на второто место на табелата со 11 бода, еден помалку од лидерот Чаир, а два повеќе од актуелниот шампион Ѓорче Петров. Штипјанки остануваат на 6. место со три бода и само еден триумф досега.
Астибо добро го отвори мечот преку својата најдобра ракометарка Марија Анчева, која постигна дури 14 голови и ја одржуваше екипата во игра во текот на целиот натпревар. Домашните беа во егал до резултат 10-11 во 27. минута, но потоа следуваше серија од три брзи погодоци на Металург за предност од 10-14 на полувреме.
Во второто полувреме искуството и широката клупа на Металург дојдоа до израз. Тимот на Јулијана Дамчевска одигра цврсто во одбраната, ја казнуваше секоја грешка на противникот и во 44. минута стигна до највисоки +9 (14-23). Потоа уште неколкупати гостинките имаа вака високо водство.
Кај победничките најдобра беше Анастасија Николовска со 5 гола, а по 4 голови дадоа Петра Јершек, Марија Јанкуловска и Јана Ѓошевска. Кај домаќините, покрај фантастичната Анчева со 14 гола, се истакна и Анастасија Богоевска со 4 гола, како и Сара Кировска и Марија Бојкова со по 3 погодоци.


























