Ракометарите на Драчево Јуниор по поразот од Вардар Неготино им се вратија на победите во прволигашката конкуренција.
Избраниците на Велимир Настески го совладаа составот на Македонија Ѓорче Петров со убедливи 29-20 и останаа при врвот на табелата во Првата лига.
„Лавовите“ пружаа отпор во првите дваесетина минути од мечот кога беше 9-7, а потоа до паузата домашните се одлепија на плус четири, 13-9.
Второто полувреме мина во комплетна доминација на Драчево Јуниор и на крајот заслужено беше прославен висок триумф.
Предводници во победата беа Давид Младеновски со осум и Ѓорѓи Дука со пет погодоци, додека Бојан Чакалиќ стрелаше пет пати за гостите.
Македонија Ѓорче Петров во следното коло ќе игра против Шампион дома, додека Драчево Јуниор ќе оди на незгодно гостување кај Овче Поле

























