Трилер натпревар: Куманово во последната секунда до реми кај Спартак!

Во интересен и драматичен натпревар екипата на Куманово во последната секунда се избори за реми на гостувањето кај Спартак, 26-26, иако домаќинките имаа голема шанса да победат на овој дуел ако се одбранеа во финишот.

Спартак отвори со водство од 7-3 и застана, а Куманово направи комплетен пресврт и ја презема контролата, 9-7. Домаќинките успеаја да фатат приклучок, но Стеин му донесе предност на Куманово на паузата, 13-12. Во последните дваесетина минути се играше гол за гол и имаше многу возбудувања на теренот.

Голманките Ивановска и Горковска одбранија шутеви во последната минута. Најпрво промаши Куманово за победа, па Спартак казни преку Стојановска во контранапад за 26-25.

Останаа уште пет секунди за напад на Куманово, Димитријески повика тајм-аут, беше организирана акција која во првиот обид ја одбранија домаќинките, одбиената топка дојде до Ѓорѓиевска. Таа од далечина шутираше и погоди во послендата секунда за реми, 26-26.

Зорица Андовска беше најдобар стрелец со 15 голови кај Спартак, додека Ева Ѓорѓиевска стрелаше десет пати за Куманово. Во следното коло Куманово ќе гостува кај Чаир, додека Спартак оди на гостување во Битола кај Пелистер.