Ракометниот клуб Охрид е пред ново засилување во пресрет на продолжението од сезоната. Како што дознава 24Ракомет, поради повредата на Ловро Јотиќ, охриѓани активно работат на ангажман на нов среден бек, а изборот падна на добро познатото име – Младен Крсманчиќ.
Искусниот српски плејмејкер, кој минатата сезона настапуваше за Вардар 1961, веќе е во Охрид и беше забележан на трибините на натпреварот против Радовиш. Крсманчиќ во изминатите денови е виден и низ градот, што дополнително ги засилува шпекулациите дека неговиот трансфер е прашање на време.
Доколку договорот биде финализиран, 33-годишниот ракометар ќе се приклучи на тимот на Борис Ројевиќ како големо засилување на позицијата среден бек, а со тоа ќе ја зголеми и српската колонија покрај езерото.
Крсманчиќ има богато искуство – настапувал за Југовиќ, Слога и Железничар во Србија, а во својата кариера играше и во Унгарија и Шпанија. Со Вардар настапуваше и во ЕХФ Лигата на Европа, каде беше еден од клучните играчи во бековската линија.
Овој потег на Охрид доаѓа во клучен момент, пред претстојниот настап на клубот во Европскиот Куп, каде охриѓани го пречекуваат тимот на Баку. Според информациите, сите детали околу трансферот се речиси усогласени, а официјалната потврда се очекува во следните денови.
Тој би бил второ засилување за неколку денови, бидејќи и Томислав Јагуриновски треба да стане „гладијатор“.