Ракометарите на Бутел Скопје по триумфот кај Радовиш ги очекува домашен натпревар од третото коло во суперлигашката конкуренција.
На гости им доаѓа тимот на Прилеп, некогашниот тим на тренерот Горан Кузманоски, кој имаше половичен ефект по првите две кола.
Десниот бек Филип Николов, кој е еден од најистакнатите поединци во составот на Бутел Скопје ги сподели очекувањата од дуелот со незгодниот Прилеп.
„Нема време за жалење по поразот во ЕХФ купот од Дуделанж – со главата горе продолжуваме и секогаш ги напаѓаме двата бода од директните конкуренти за плеј-оф. Иако неочекувано и со несреќен крај загубивме, екипата психички се враќа. Првиот триумф во Супер лигата против екипата на Радовиш ни донесе дополнителна стабилност и самодоверба, а против Прилеп ќе настојуваме да ја искористиме предноста на домашен терен и со цврста, дисциплинирана одбрана да дојдеме до нова победа“, вели Николов.
Овие две екипи играле многупати меѓусебе во последните неколку сезони.
„Екипата на Прилеп ја познаваме многу добро – во последните сезони се покажаа како сериозен конкурент за плеј-оф, засилени се со интернационалци и го задржаа костурот на тимот. Свесни сме дека најголемата опасност доаѓа од нивната лева страна и брзата транзиција, но веруваме во нашата игра и со максимална концентрација ќе ја наметнеме нашата игра на теренот за да ги задржиме двата бода дома“, продолжи Николов.
Велешанецот вели дека целта и оваа сезона останува иста – пласман во разигрувањето за титулата во Македонија.
„Иако оваа сезона настапуваме со подмладен состав, Бутел Скопје секогаш има јасна цел – пласман во плеј-офот. Конкуренцијата е силна, но ние веруваме во нашиот квалитет и работиме напорно за да го повториме континуитетот од изминатите години. Амбицијата е јасна – и оваа сезона ќе дадеме се од себе за Бутел да биде дел од плеј-офот“, заврши Николов.
Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Прилеп се игра утревечер со почеток во 18:00 часот во салата „Антон Димитров“.