Амбициозниот Чаир продолжува со летната трансфер-офанзива и ја претстави својата нова ракометарка – Tехани Амар од Тунис.
Таа е четвртото интернационално засилување за Чаир по Парагвајките Сабрина Фиоре и Никол Орабалис, односно Бразилката Изабела Фереира.
Aмар игра на позицијата лев и среден бек и доаѓа од италијанскиот Терамо, каде што го имаше првото интернационално искуство, а претходно настапуваше во татковината.
Покрај интернационалките, претходно Чаир ги доведе и Марија Николовска, Мила Трајковиќ и Ема Кирова, а со ваквиот состав, клубот најавува амбициозна борба во домашното првенство и настапите во Европа.
Чаир очигледно гради тим со мешавина од домашен потенцијал и интернационално искуство, со цел да направи значаен резултат во претстојната сезона. Во второто коло од ЕХФ Европскиот Куп, Чаир ќе има незгодна пречка и ќе се соочи со словенечкиот Млинотест Ајдовшчина.