Од вториот тим до сениорскиот дрес: Дарија Наумоска дебитираше за сениорките на Ѓорче

Актуелниот освојувач на двојната круна во Супер женската лига, Ѓорче Петров од лани има свој втор тим, чија цел е да им се даде шанса на младите да напредуваат и како „стасуваат“ да ги пополнуваат местата во првиот тим.

Таа замисла веќе ги дава резултатите, па 18-годишната голманка Дарија Наумоска веќе е префрлена во сениорскиот тим, и дебитираше за „лавиците“ на гостувањето во Битола.

На натпреварот против Пелистер во Битола, Дарија ги бранеше последните десетина минути и запиша неколку одбрани, со што помогна тимот да го задржи темпото и ја потврди својата подготвеност за сениорскиот предизвик. Претходно беше дел и од екипата која во првото коло со 31-21 го победи тимот на Куманово.

Нејзиниот пат до сениорскиот дрес не беше краток – низ годините Дарија минуваше низ пионерската, кадетската и младинската лига, а потоа ја доби шансата да игра во Супер лигата преку вториот тим – МРК Ѓорче Петров. Токму таму го почувствува вистинскиот дух на професионалниот ракомет, ја изгради својата самодоверба и се научи на одговорност. Благодарение на нејзините добри перформанси, таа доби повик и прекоманда во првиот тим.

Ваквиот развој ја покажува вистинската улога на вториот тим – да ги открива и развива младите таленти, да им даде шанса да се докажат и да ги подготви за највисокото ниво. Ова претставува дополнителна мотивација за сите млади ракометарки кои се дел од клубот – дека со напорна работа, дисциплина и љубов кон спортот, можат да стигнат до врвот и да го облечат дресот на првиот тим.

„Нема поубаво чувство од тоа да се брани дресот на својот клуб и да се даде максимум на терен. Овие моменти се голема чест за мене и мотив да продолжам да работам и да напредувам,“ вели Дарија.

МРК Ѓорче Петров останува почва на која растат младите, а потоа треба да добијат прераспределба. Сезонава вториот тим на ѓорчепетровки игра во Првата лига, заедно со уште шест други екипи. И секако ѓорчепетровки се меѓу сериозните кандидати за влез во елитата.