Моќна партија на Анчева со 19 гола, Астибо и Спартак одиграа драматично реми!

Тимовите на Астибо и Спартак одиграа драматичен натпревар, кој можеше да заврши со победа на било која од екипите, но на крајот беа поделени бодовите, 29-29.

Кај домашниот тим стандардно одлична беше Марија Анчева, која покажа дека и годинава ќе биде во трка за најдобар стрелец и даде 19 голови.

Спартак водеше со плус пет и може повеќе да жали за победата, имаше и два гола предност со голот на Андовска на две минути до крајот, 29-27.

Анчева погоди два пати во серија за реми, но последните напади на двете екипи завршија без погодоци, иако тренерите Величков и Мицевски побараа по минута одмор.

На крајот двете екипи си поделија по бод и имаат добар старт на новата сезона. Покрај Анчева, за домашната екипа четири гола даде Богоевска, а добра на голот беше Младеновска, додека кај Спартак се истакна Андовска со девет и Максимовска со шест гола.