Стартуваат и дамите: Ѓорче Петров го брани тронот, Металург Автокоманда и Чаир го „напаѓаат“

Денеска стартуваат и двете женски лиги – Супер и Првата лига. Актуелниот шампион Ѓорче Петров ќе го брани тронот на кој е веќе четири сезони по ред.

Металург Автокоманда и Чаир ќе го нападнат врвот, а својата шанса од позадина ќе ја чекаат Куманово и Вардар, кои сигурно ќе можат да им замрсат сметки на некои натпревари на триото фаворити.

Ѓорче Петров ќе има старт на домашен терен против Куманово и ќе биде фаворит на овој натпревар, а „лавиците“ во очекување на Кристина Радајева и Ана Вранчиќ, ќе го комплетира ростерот за наредната сезона.

Куманово сега има поширок ростер, но остана без две ракометарки кои се години беа носители на играта, Сара Цветановска и Сузана Зечевиќ, па ќе биде интересно да се види како ќе изгледа на терен тимот на Славиша Димитријески.

Металург Автокоманда ќе биде голем фаворит на градскиот двобој со Вардар, додека Чаир не би требало да има големи проблеми на гостувањето кај ослабениот Пелистер во Битола.

Штипски Астибо минатата сезона испиша историја со пласманот во плеј-офот, а сега со поширока клупа ќе се обиде да оди чекор напред од шестото место. Ќе биде фаворит на домашната средба со Спартак.

Во Првата лига, тимот на Атлетик кој е прв фаворит за пласманот во елитното друштво, ќе биде слободен во првото коло. Овче Поле СУ и Ѓорче Петров 2 би требало да бидат главни конкуренти за бараж, шансата од позадина ќе ја чекаат Деспина и Стружанка, додека Јехона и Шампион имаат млади состави, кои тешко дека ќе можат да им се спротистават на поискусните тимови.

Супер лига, 1 коло:

06/09, 19:00, Ѓорче Петров – Куманово
07/09, 12:00, Астибо – Спартак
07/09, 14:30, Металург Автокоманда – Вардар
07/09, 18:00, Пелистер – Чаир

Прва лига, 1 коло:

06/09, 17:00, Јехона – Стружанка
06/09, 19:00, Овче Поле СУ – Ѓорче Петров 2
Шампион – Деспина одл.

Атлетик слоб.