Македонскиот шампион и претставник во Лигата на шампионите, Еурофарм Пелистер, во среда ќе ја започне својата европска авантура со дуел против Загреб.
Од клубот информираат дека продажбата на билети започнува утре (сабота) во 10:00 часот, а цените се популарни.
Билетите за страничните трибини ќе чинат 450 денари, додека билетите за централните делови на двете трибини ќе се продаваат по 550 денари, a клубот на социјалните мрежи објави детали за продажните места.
Натпреварот е закажан за среда, со почеток во 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.
Пелистерци го дочекуваат стартот на елитното натпреварување во одлично расположение. По триумфите во Супер Купот против Вардар и во првенствениот дуел со Бутел, тимот на Гарабаја има доволно време да се подготви за новиот голем предизвик.