Во време кога физиотерапевтите се сè поважен дел од секој спортски колектив, младата физиотерапевтка со ракометна душа, Нина Бојаџиска, ја раскажува својата приказна за тоа како од ракометарка на терен, стана нераскинлив дел од стручниот штаб. Таа открива дека работата со машки екипи е сосема поинакво искуство – без непријатни моменти, исполнето со почит и доверба.
„Нема екипа без физиотерапевт,“ вели таа, додавајќи дека професијата станува сè повеќе ценета и препознаена во македонскиот спорт. Во разговорот за 24Ракомет таа зборува за своите почетоци, за пресвртот од ракометна кариера кон медицината, за секојдневните предизвици и за колегијалноста меѓу физиотерапевтите во македонските клубови.
Бојаџиска открива како е да се биде единствена дама во машки колектив.
„Многу е полесно да се работи со машките, отколку со девојките, имаме и такви играчи кои бараат повеќе внимание, зависи од каква екипа доаѓаат и како се претходно третирани (се смее). Сепак не се толку досадни, на пример, нема ракометар што бара 60 минути масажа, евентуално ако влече некоја повреда од порано, или моментално е повреден…“, вели Нина.
Своевремено беше невообичаено дами да работат во машки екипи, но полека се надминуваат тие стереотипи.
„Веќе гледам дека во повеќе екипи има женски физиотерапевти, се повеќе сме инволвирани во екипите, барани и ценети. Често ме прашуваат како е да се работи во машки тим, дали има некои непријатни ситуации – можам да кажам дека не сум имала таква ситуација, или непријатен момент… играчите што се тука повеќето сме генерациски, сум се дружела со нив и порано кога сум играла ракомет, навистина се коректни, пристојни и заштитнички настроени кон мене. Секогаш сум имала максимален респект“, продолжи Нина.
Ја прашавме дали нејзиниот партнер покажува знаци на љубомора кога таа е опкружена со многу спортисти.
„Со мојот партнер имаме меѓусебна доверба, тој се знае со доста од играчите, така што немаме никаков проблем…“, додава Нина.
На почетоците на кариерата беше дел од кошаркарски колектив.
„Јас сум работела во фудбал, во спортска академија, првично почнав во МЗТ Скопје, во нивните младински екипи, едно време работев паралелно, бев ангажирана во РК и ЖРК Вардар“.
Таа беше дел од една навистина талентирана генерација на македонскиот женски ракомет, од која нема многу активни ракометарки во моментов, бидејќи повеќе од нив го најдоа својот животен пат во други професии.
„Искрено, ми се изгуби желбата последната година и сакав да продолжам со студии. Нашата генерација од Вардар Јуниор (96 генерација) беше добра генерација на ракометарки (Митова, Стојановска, Петковска, Керамичиева….) и ракометните стручњаци ни предвидуваа добра иднина, но екипата се растури. Пред крајот на кариерата имав неколку понуди од Романија, но во меѓувреме почнав да студирам медицина за физиотерапевт и одлучив да завршам со ракометот. До ден денес не се покајав, иако сите ми велеа да пробам, да видам како ќе се одвиваат работите. Ми беше интересно работатата на физиоерапевтите кога играв и сега сум на нивно место.
Уште сум во контакт со повеќето од нив, се дружиме кога имаме време, тоа е другарство кое останува“, продолжи Нина.
Повеќето физиотерапевтите во македонските клубови се дружат меѓусебно.
„Во глобала се дружиме, почнуваме повеќе да се поддржуваме и да се држиме едни со други, бидејќи имало моменти кога сме се почувствувале дека не сме ценети, дека не е цената нашата струка, некако се бориме за нашето место, ние сме многу важен дел од екипа, бидејќи нема екипа без физиотерапевт, што до пред некоја година не беше таков случај“, продолжи Бојаџиска.
Во моментов Бојаџиска со нејзиниот клуб Вардар е во Охрид, каде „црвено-црните“ настапуваат на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“. Таа открива како изгледа еден нејзин ден.
„Доколку има некој ракометар да се пожали, тука сме со Рубин цело време, одиме заедно на тренинг, после тренинг исто така работиме, во принцип најмногу работиме после натпревар. Со Рубин сме задно на сите тренинзи, натпревари, патувања, гостувања….Големо е задоволството да се работи со еден од најискусните физиотерапевти во Македонија“, заврши Бојаџиска.