Најдобрите четири женски екипи во Македонија за минатата сезона ги одработуваат вторите фази од подготовките за претстојната сезона во која освен на домашна, ќе играат и на меѓународна сцена.
Актуелниот шампион Ѓорче Петров работи во својата база во салата „Христо Батанџиев“ и е во очекување да се приклучи последното засилување – Казахстанката Кристина Радајева.
Вицепрвакот Металург Автокоманда тренираше во Скопје, а одигра и еден пријателски натпревар против Пелистер во Охрид. Ѓорче Петров и Металург Автокоманда од 28 до 30 август ќе бидат дел од регионалниот турнир и таму ќе ги имаат последните тестови пред стартот на сезоната.
Покрај меѓусебе, македонските екипи ќе играат и против Будуќност од Црна Гора и Бор од Србија.
Чаир исто така тренира веќе неколку недели, го комплетираше ростерот со интернационални засилувања, додека и Куманово ги одработува подготовките во комплетен состав.
Ѓорче Петров ќе има европски обврски во ноември, додека другите три екипи ќе играат во кон крајот на септември. Куманово ќе се соочи со литванската Гарлијава, Чаир оди на мегдан на словенечката Ајдовшчина, додека Металург Автокоманда ќе игра против Диферданж од Луксембург.