Одредени групите за Светското клупско првенство – европските гиганти фаворити за трофеј

Новото издание на Светското клупско првенство во машка конкуренција, елитниот турнир под капата на ИХФ, ќе се одржи во Египет од 26 септември до 2 октомври 2025 година.

На настанот ќе учествуваат девет екипи, а со денешната ждрепка беа одредени трите групи, во која според претходниот ракинг, европските екипи се избегнуваат меѓусебе во групната фаза.

Египетскиот Ал Ахли имаше право прв да избере група и се одлучи за Група Б, каде ќе игра против актуелниот шампион Веспрем и австралискиот Сиднеј Универзитет.

Најтрофејниот клуб во историјата на натпреварувањето, Барселона, беше извлечен во Група Ц заедно со египетскиот Замалек и бразилскиот Таубате.

Група А ќе ја сочинуваат дебитантите Шарџа од Обединетите Арапски Емирати, трикратниот шампион Магдебург (2021, 2022, 2023) и американскиот тим Калифорнија Иглс, кој вторпат ќе настапи на турнирот.

Групната фаза ќе се игра во систем „секој со секого“ од 26 до 28 септември. Полуфиналните натпревари се закажани за 30 септември, а големото финале ќе се одигра на 2 октомври.