Мерис Бошњак, 22-годишниот ракометар од Бар, чекор по чекор се пробива кон врвот на европскиот ракомет.
По настапите во Словенија, Македонија и сега Шпанија, тој ја гради својата интернационална кариера со јасна цел – да го облече дресот на црногорската репрезентација. Но, Македонија му беше одличен избор за трансфер, по што дојде и повикот од Асобал лигата.
Својата ракометна приказна ја започна на 12-годишна возраст во Први Ас од Бар, а потоа настапуваше за сениорскиот тим на Морнар. На 17 години направи голем исчекор и замина во словенечката Добова, каде помина две сезони. Следуваа ангажмани во Македонија – по една сезона во Еурофарм Пелистер 2 и Струга, по што доби понуда од шпанската Уеска и се преселил во Асобал.
„Во Македонија бев меѓу најдобрите пет играчи на мојата позиција. Челниците на Асобал слушнаа за мене и кога најдовме заеднички јазик – трансферот се случи“, вели Бошњак за црногорските медиуми.
И покрај напредокот, неговата кариера не била без предизвици. Претрпел две операции на колено, но никогаш не се откажал.
„Мораш да бидеш професионалец во секој момент – да внимаваш на сон, исхрана, опоравување, но пред сè на менталното здравје“, објаснува тој.
Целта му е јасна – репрезентативниот дрес на Црна Гора.
„Работам напорно за да направам горди мои родители, пријатели и државата. За секој спортист тоа е чест и привилегија“, изјавува младиот бек.
Како свој најголем спортски пример го посочува легендарниот Кирил Лазаров.
„Тој е мој идол и ментор. Од него научив сè што денес применувам на терен. Не ме инспирира само со играта, туку и со карактерот и дисциплината“, заклучува Бошњак.