Раководството на Веспрем донесе одлука да ја прекине соработката со тренерот на голмани, Арпад Штербик, со почеток од сезоната 2025/26.
Како што објавија во клубот, во иднина овој сегмент ќе се развива со нова визија и поинаков пристап, а нема да се носи нов тренер на голмани.
Арпад Штербик беше дел од тренерскиот тим пет сезони, период во кој заедно со Веспрем освои три титули во унгарското првенство, четири трофеи во Купот на Унгарија, како и една титула на Светското клупско првенство.
Српскиот Унгарец со шпански пасош пред крајот на кариерата бранеше во Вардар од 2014 до 2018 година, и освои една титула во Лигата на шампионите.
Потоа се пресели во Веспрем, бранеше до 2020 година кога ја заврши кариерата и оттогаш беше дел од стручниот штаб како тренер на голмани.