Ракометарите на Бутел Скопје ги одработија првите две недели од подготовките за новата сезона во која ќе влезат со амбиции да го повторат најмалку пласманот во плеј-офот во Супер лигата.
Тренерот Горан Кузманоски, кој веќе трета сезона е на кормилото на бутелци, уште еднаш го потенцираше македонскиот проект, кој и ова лето е надграден со четворица домашните играчи, млади и желни за докажување.
„Амбициите остануват исти како и минатата сезона, плус да минеме едно скалило во ЕХФ Европскиот Куп, без разлика што оваа сезона ја подмладивме уште повеќе екипата и имаме некои освежувања. Ќе се стремиме тие млади играчи, брзо да се вклопат во сениорскиот ракомет и во првиот тим. Играчите што веќе година, две, тропаат на вратата ќе им се укаже сега шанса и заедно со некои искусни играчи што ги имаме во првата седморка, со нивна помош, ќе изгледаме многу подобро“, вели Кузманоски.
Тој откри како ќе изгледа и како ќе игра Бутел Скопје во претстојната сезона.
„Секој почеток е мотивирачки, се надевам и оваа година ќе биде така. Во Бутел Скопје секогаш се бара екипата да има енергија, оваа сезона ќе мора да бидеме поенергични и поконкретни во одбрана, тоа ќе биде клучно заедно со транзицијата и брзиот напад, ќе гледаме да се усовршиме во тој дел“, продолжи стратегот на Бутел Скопје.
Бутелци ги очекува пријателски дуел со Вардар, а потоа и настапи на турнирите во Струга и Прилеп, каде ќе играат со Тиквеш, Раднички Крагуевац и Прилеп.
„Ќе играме еден пријателски натпревар со Вардар, потоа ќе бидеме дел од турнирите во Струга и Прилеп, ќе имаме доволно време да ги вклопиме новите ракометари во тимот, затоа што од септември ќе немаме време за ништо. Почнуваме со два меча во ЕХФ Европскиот Куп, потоа ќе се игра среда-сабота и ќе биде напорно темпо“, заврши Кузманоски.
Ова лето Бутел Скопје ги донесе кадетските репрезентативци Архангел и Атанасиј Трсунови, Петар Николоски, искусниот голман Благојче Трајкоски, како и грузискиот интернационалец Давид Гришикашвили.