Светската ракометна федерација во рамките на ИХФ неделата во јули, ја презентираше животната приказна на Елизабет Оморегие. Ракометарка со неверојатна сила и одлучност, чиј пат започна во Бугарија, водеше низ неколку земји и кулминираше со настап на Светското првенство и Олимписките игри.
„Ракометот ми го смени животот,“ вели 28-годишната ракометарка. Родена во Атина, од татко Нигериец и мајка Бугарка, Оморогие пораснала во скромни услови во шестчлено семејство, со татко кој работел во странство. Сепак, нејзината страст кон спортот ја одвела кон неочекувана судбина.
На почетокот не се занимавала со ракомет, туку со атлетика, скок во далечина и спринтови, инспирирана од својата сестра. Но психолошкиот притисок на индивидуалниот спорт ѝ бил тежок. „Во атлетиката имаш премногу време да размислуваш за неуспех. А во ракометот — секогаш има следен меч,“ објаснува таа.
Судбоносен момент доаѓа кога тренер на ракомет ја забележал на атлетски собир и ја поканил на тренинг. Иако не знаела ништо за спортот, прифатила. „Мајка ми знаеше — таа била голманка во средно. А по една година, реков – тоа е тоа, ова ќе биде мојот пат.“
Нејзиниот раст бил брз – на 16 години веќе настапувала за сениорската репрезентација на Бугарија. Поради проблеми со клубот, таа без договор тренирала само за време на викенди со друг тим и играла единствено за националната селекција. Тогаш доаѓа пресвртница – турнир во Грција, каде ја освојува титулата најдобар стрелец и место во идеалниот тим. Таму ја забележува делегат кој ја препорачува на легендарната тренерка Марта Бон од словенечки Крим.
На 17 години, без познавање на Словенија или историјата на клубот, Оморегие ја прифаќа понудата. „Во Бугарија се чувствував во балон. Во Љубљана бев шокирана — сè беше ново, професионално, културно различно,“ се присетува таа.
Преселбата била тежок чекор – нов јазик, нова култура, далеку од семејството. Но, одлуката била пресудна. Во 2014 дебитира во Лигата на шампиони против Хипо. Во 2017 станува словенечка државјанка и настапува на ЕП 2020, СП 2021, ЕП 2022 и – врвот – Олимписките игри во Париз 2024, првиот настап на женската селекција на Словенија.
„Секогаш знаев дека сакам да играм за Словенија. Олимписките игри ми беа сон. Токио го пропуштивме, но Париз го остваривме. Тоа беше магично искуство што ќе го паметам цел живот.“
По Игрите, Оморегие се повлекува од репрезентативниот дрес, ставајќи фокус на своето здравје и добросостојба. „Иако сум млада, поминав низ многу повреди. Сакав да се грижам за себе. Моите колешки секогаш ме поддржуваа.“
Оморегие веќе осум години е дел од романскиот гигант ЧСМ Букурешт, каде играше на највисоко ниво и со најдобрите – Кристина Неагу, Андреа Лекиќ, Драгана Цвијиќ, Кармен Мартин и Јелена Грубишиќ.
„Ракометот ме научи како да станам подобра личност. Да бидам дисциплинирана, силна, независна. Само сакав да бидам подобра секој ден,“ заклучува Елизабет Оморегие – вистински пример за тоа како спортот може да промени живот.