Младост Богданци ја заврши својата работа, сега чека услуга од Драчево Јуниор

Тимот на Младост Богданци победнички ја заврши сезоната во прволигашката конкуренција, откако славеше против Преспа со 33-17.

Сега момците на Горан Андоновски се на првото место со 45 бодови, додека „витамините“ од Автокоманда имаат 44 на втората позиција, но и меч помалку.

Тоа значи дека богданчани ќе чекаат услуга од третопласираниот Драчево Јуниор, кој гостува во Автокоманда во мечот што се игра во вторник, и мора да слави за Младост да остане прв и да обезбеди место во Супер лигата. Реми или пораз на драчевци значи дека „витамините“ ќе се вратат во елитната конкуренција, а Младост ќе игра бараж со Струга.

Младост го реши мечот со Преспа уште по првото полувреме кога беше 17-9, а второто полувреме беше само формално одработување на задачата.

Даниел Андоновски со осум и Лазар Адамовиќ со пет гола беа најдобри стрелци кај победникот, а Христијан Ристевски даде шест гола за Преспа.