Селекторот на Словачка разочаран: Одбраната не функционираше…

Maкедонија славеше кај Словачка со 31-24 во првиот бараж натпревар за пласман на СП 2027 и практично ги реши дилемите околу патникот на Мундијалот уште по 60 минути.

Селекторот на Словачка, Фернандо Гурих, не го криеше разочарувањето по поразот од момците на Кирил Лазаров. Според шпанскиот стратег, клучниот проблем бил слабата игра во одбраната и големиот број неискористени шанси.

„Денес сè беше поврзано со дефанзивата. Не функционираше како што треба. Во првото полувреме не ги контролиравме пивотите и бевме прилично деконцентрирани. Имавме шанси од контранапади, преку пивотите и од седмерци, но не ги искористивме. Во последните 15 минути од првото полувреме целосно ја загубивме концентрацијата“, изјави Шпанецот.

Гурих смета дека неговите ракометари по паузата се обиделе да реагираат, но Македонија не дозволила враќање во мечот.

„На полувремето моравме да исправиме многу работи, но повторно не ги реализиравме шансите што ги создадовме“, заврши словачкиот селектор.

Реваншот меѓу Словачка и Македонија ќе се одигра на 17 мај од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.