Србите има за што да жалат, Словенија и Фарски Острови ги освоија Подгорица и Тузла

Селекцијата на Србија славеше против Унгарија со 31-29 во првиот натпревар од третиот бараж за пласман на СП 2027.

Во преполната сала „Чаир“ во Ниш, момците на Раул Гонзалез, имаа одличен резултат и водеа со седум гола во повеќе наврати во текот на мечот, но на крајот патуваат во Веспрем само со два погодока плус.

Одличен на голот беше Дејан Милосављев со 11 одбрани, а во нападот блексаа Драган Пешмалбек со осум и членот на Охрид, Дарко Ѓукиќ со седум погодоци. Урош Борзаш, бекот на тимот од Автокоманда, стрелаше три пати. Кај Унгарците, голманите немаа свој ден, а во нападот доминираше Имре Бенце со седум гола.

Словенија славеше на гости кај Црна Гора со 29-28, а момците на Урош Зорман може да жалат што не го решија овој двобој уште на првиот меч, иако водеа со седум гола во првото полувреме, 16-9. Во второто полувреме домашните направија комплетен пресврт, поведоа со еден гол, но одново паднаа во финишот и Словенците се радуваа на победа.

Седум гола за домаќините даде Миодраг Ќорсовиќ, а шест пати погоди Бранко Вујовиќ, додека кај Словенците по исто толку пати стрелаа Алекс Влах и Блаж Јанц, додека членот на Еурофарм Пелистер, Домен Тајник даде еден гол.

Фарски Острови славеа на гости кај Босна и Херцеговина со 24-22 и се на чекор до историски пласман за првпат на СП. Иако Босанците пружија отпор, на крајот Фараните беа тие што се радуваа. Ав Тејгум даде 11 гола за победничкиот состав, а Чолаковиќ стрелаше седум пати за БиХ.