„Црвено-црните“ бараат помош од Фортуна – кои ќе бидат ривали на Вардар во Лигата на Европа?

Ракометарите на Вардар исто како и минатата сезона, така и оваа ќе бидат дел од групната фаза во Лигата на Европа.

Денеска „црвено-црните“ ќе ги дознаат ривалите во второто по ранг европско клупско натпреварување, но ќе им треба помош од Фортуна за да не налетаат на најсилните ривали.

Во сите шешири има ривали со кои Вардар би можел да биде задоволен, има и незгодни кои по секоја цена ќе сака да ги избегне, но и гиганти против кои ќе ги потсетат неговите навивачи на убавите времиња од Лигата на шампиони.

ЕХФ ја објасни процедурата пред ждрепката, но јасно е дека ждрепката ќе биде само во првиот и вториот шешир, а потоа другите екипи ќе се распределуваат, со оглед на тоа што важи правилото дека во оваа фаза не смеат да играат екипи од исти држави.

Вардарци се во вториот шешир и сигурно нема да играат против Нексе Нашице, Татран Прешов, Слован Љубљана, Потаиса Турда, Ференцварош, Фрам Рејкјавик и Островија.

Од третиот шешир сигурно нема да играат против победникот од дуелот меѓу тимот на Кирил Лазаров и Хановер, но може да налетаат на Кил, Тулуз, Адемар Леон или Бенфика.

чекор 1: екипите од првиот и од вториот шешир ќе бидат влечени без рестрикции

чекор 2: од третиот шешир најпрво ќе има ждрепка за екипата на Кил, а потоа и четири квалификациски парови каде има екипи од исти држави на екипи од првите два шешири. На крај преостанатите три тима од трет шешир ќе бидат распределени во преостанатите три групи.

чекор 3: од четвртиот шешир, најпрво ќе биде влечен парот Бидасоа/Брага, со оглед на тоа што има и шпански и португалски екипи во другите шешири. Потоа сите други парови кои се составени од тимови од различни држави ќе бидат влечени, па оние што доаѓаат од иста држава и на крај ќе биде распределен парот Партизан/Карвина во последната преостаната група.

Ждрепката ќе се одржи во Виена со почеток во 11:00 часот.

Вардар во втор шешир, „сино-белите“ од Автокоманда во трет шешир ако го минат Хановер