Женската младинска репрезентација го загуби вториот натпревар на Европското првенство во Црна Гора, откако Полска беше подобра со 28-18. Овој пораз практично значи крај на надежите за место во главната рунда, иако би можел да се создаде круг од три селекции со по два бода, но тоа е во рамките на теоријата. Сега останува на дуелот со Чешка в сабота да се бориме за подобра стартна позиција во разигрувањето за пласман.
Со „еден тон“ технички грешки – 20, не се победува ниту во македонската Женска лига, а камоли на ЕП. Ракометарките од бековските позиции одново имаа слаба реализација – Тодоровска 1/5, Кралева 0/6, Беровиќ 3/11, а Ристиќ и Котевска имаа по четири технички грешки. Трпеска даде четири, а Беровиќ, Котевска и Миленкоска запишаа по три гола, додека Гошевска собра вкупно десет интервенции.
Во првиот дел полн се грешки на двете страни, вкупно 21, можевме на пауза да отидеме и со помала, но и со поголема негатива, 11-8. Гошевска беше солидна на голот и имаше шест интервенции, но најголем дел беа зицери.
Во првите дваесетина минути дадовме само еден гол од игра и два од пенал, се повторуваа истите грешки од мечот со Унгарија, но и противникот не беше многу подобар. Младинките не успеаја да искористат шанса ниту кога Полска имаше две ракометарки помалку на терен, а згора на тоа и беа казнети.
Полска успеа да се одлепи на плус 11-4, но потоа македонската одбрана заигра подобро, противникот немаше течни напади. Капитенот Миленкоска реализираше два пати, Беровиќ постигна убав гол од далечина и Македонија се врати на минус три, 11-8. Имавме и последен напад, кој не беше реализиран.
Треба да се спомене и лошата арбитража на судијките од Бразил, кои имаат шанса да собираат искуство на ЕП, но имаа неколку сомнителни одлуки на штета на Македонија.
Вториот почна лошо за Македонија со неколку промашени напади, Полска казни и отиде на 14-8, а потоа беше и 15-9. Десното крило Конеска врза два гола во серија за 15-11, но одново следуваа грешки во моментите кога не требаше и противникот си ја вратија највисоката разлика од седум голови кога се играше 40. минута.
Кога колата тргна низ брдо, немаше простор за нов камбек и останатиот дел од натпреварот мина според планот на Полска. Се разбрани и голманката на Полска, Шмелцер, која мечот го заврши со неверојатни 52% успешност на одбрани, а се истакна Зимницка со шест гола во македонската мрежа.
Последниот меч од прелиминарната рунда на ЕП, Македонија го игра на 12 јули в сабота против Чешка од 14:30 часот, а потоа ќе следуваат натпреварите за пласман на 14 и 15 јули против Литванија и многу веројатно Исланд.