Три баражи за СП 2027 – Каков ќе биде патот на Македонија до нов Мундијал?

Машката репрезентација на Македонија ја очекува настапот на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка во 2026 година, а веќе се знае и патот до следниот голем настан, а тоа е Светското првенство во Германија.

Европа има 14 места за Мундијалот во Германија, не сметајќи ги домаќинот и светскиот првак Данска. Три од тие места ќе бидат пополнети преку медалистите на претстојното Европско првенство 2026 во Данска, Шведка и Норвешка, а 11 места ќе се пополнат преку бараж.

ЕХФ реши да има три баражи за СП 2027, па патот до Германија ќе биде многу долг, особено за најслабо рангираните селекции. Нас во фокусот ни е Македонија, која го „скока“ првиот бараж поради учеството на ЕП 2026.

Секој пласман од 20 до 24 место на ЕП 2026 носи два баражи или две пречки за нашата селекција до ново големо натпреварување – СП 2027, а пласман до 19 место ќе значи играње на само еден бараж, односно оној третиот во мај 2026 година.

Доколку бидеме пласирани во ТОП 16 (сметајќи дека Данска и Германија ќе бидат таму) тогаш ќе бидеме дел и од привилегираните во ждрепката за бараж 3. За таков пласман ќе ни треба најмалку една победа на ЕП, но и да бидеме меѓу најдобрите четири од третопласираните на крајот од сите групи.

Македонија ќе биде во група со домаќинот Данска, Португалија и Романија на ЕП 2026, па за да бидеме меѓу најдобрите 16 мора да ја победиме Романија, но и да имаме подобра гол-разлика од најмалку други две третопласирани селекции.

СП 2027 Германија, квалификации:

БАРАЖ 1 (27-28.10.2025/01-02.11.2025) 
шешир 1: Турција, Луксембург, Косово
шешир 2: Летонија, Кипар, Велика Британија

двојки:
Летонија – Луксембург
Кипар – Турција
Велика Британија – Косво

БАРАЖ 2 (18-19.03.2026/21-22.03.2026)
шешир 1: Словачка, Босна и Херцеговина, Грција + пет селекции од ЕП 2026 (20-24 место)
шешир 2: Израел, Финска, Белгија, Естонија, Литванија + три победници од БАРАЖ 1

БАРАЖ 3 (13-14.05.2026/16-17.05.2026)
шешир 1: 11 селекции од ТОП 16 на ЕП 2026 (без Данска, Германија и трите медалисти)
шешир 2: осум победници од БАРАЖ 2 + три селекции од ЕП 2026 (17-19 место)

Учесници на ЕП 2026 покрај Македонија и домаќините Данска, Шведска и Норвешка се Германија, Франција, Хрватска, Унгарија, Португалија, Исланд, Шпанија, Словенија, Холандија, Австрија, Црна Гора, Швајцарија, Полска, Чешка, Србија, Италија, Фарски Острови, Романија, Грузија и Украина.

Директно место на СП имаат обезбедно домаќинот Германија, како и светскиот првак Данска, а преку ЕП 2026 пласман на Мундијалот во 2027 година ќе обезбедат и трите најдобри на континенталниот собир.

Светското првенство во Германија ќе се игра од 14 до 31 јануари 2027 година во шест градови – Магдебург, Келн, Штутгарт, Хановер, Минхен и Кил.