Статистика на Македонците на СП – Галевски во ТОП 5 голмани, Узунчев во ТОП 10 стрелци

Машката младинска репрезентација на Македонија го заврши настапот на Мундијалот во Полска на 25 место.

Иако пласманот не е меѓу најдобрите и не е според очекувањата на ракометарите, стручниот штаб и јавноста, сепак статистиката покажува дека Македонија имаше ракометари што имаа добри партии на СП.

Галевски во ТОП 5 голмани, заедно со Брестовац меѓу најдобрите за седмерци

Иван Галевски, голманот на „црвено-жолтите“, се најде во ТОП 5 голмани на Мундијалот според процентот на одбранети удари. На седум одиграни натпревари, Галевски имаше 46 одбрани од 139 шута, што значи 33% успешност – статистика што го рангира меѓу најдобрите пет голмани на првенството.

Подобри проценти од него имаа само голманите на Норвешка и Австрија. Особено се истакна против Бразил, кога во пенал-рулетот одбрани два удари и беше херојот на триумфот.

Давид Брестовац исто така имаше одличен процент на одбранети пенали – 36,3% и заедно со Галевски се во ТОП 5 голмани кога се работи за рангирање за седмерци.

Галевски е прв на листата кога се работи за одбранети удари од шест метри или зицери – 45,8%.

Узунчев е во ТОП 10 стрелци на СП

Во офанзивниот дел, Димитар Узунчев беше најзаслужен за головите на Македонија. Тој го заврши првенството со 49 погодоци од 71 обид (69% реализација) – што го пласира во ТОП 10 стрелците на Светското првенство. Одлична беше неговата ефикасност од седум метри – реализираше 11 од 13 пенали.

Белистојаноски со најдобар процент на реализација

Десното крило Ненад Белистојаноски постигна 32 погодоци на седум меча, а имаше одлична реализација од 82%, односно промаши само седум пати. Томислав Димковски, Андреј Глигоров и Тодор Узунчев имаа реализација под 50%.

Калајџиески најдобар асистент и најдобар „крадец“

Средниот бек Мирче Калајџиески покрај Узунчев и Белистојаноски беше во ТОП 3 стрелци на Македонија на ова првенство, но и играч што подели најмногу асистенции – 25. Тој е најдобар „крадец“ на топки и успеа да пресече осум топки на ривалите. Заедно со Димитар Узунчев имаат направено 11, односно 18 технички грешки.