Данска се искачи на светскиот трон по 20 години!

Младинската машка репрезентација на Данска е нов светски шампион, откако во финалето ја совлада Португалија со 29-26.

По 20 години пауза од последната светска титула во оваа возрасна категорија, Данска успеа да слави и да ја освои четвртата титула, откако претходно се радуваше во 1997, 1999 и 2005 година.

Победникот беше најавен уште по првиот дел кога скандинавската селекција водеше со шест гола разлика, 14-8. Во второто полувреме Португалците се заканија, стигнаа еднаш на минус еден, но немаа сили за завршен чекор и комплетен камбек.

Фредерик Педерсен со осум и Магнус Педерсен со шест гола ја водеа Данска до злато, а одлична партија имаше и голманот Милер Вулф со 18 интервенции.

Кај Португалија шест гола даде Рикардо Брандао, а пет пати погоди Жозе Фереира, додека голманот Рема застана на 12 одбрани.