Михајловски: Стојанче Стоилов е икона на Вардар и за него секогаш има место во клубот

На промоција на новиот тренер на Вардар, Иван Чупиќ, претседателот на Вардар, Михајло Михајловски истакна дека е разочаран од последниот натпревар и неосвојување на титулата во Суперлигата, но смета дека со новиот стручен штаб Вардар ќе добие нова свежина на клубот. Покрај желбите и честитките за новиот тренер, Михајловски резимираше:

„Вардар минатата година го освои само Купот. За жал во Лигата на Европа за влакно не се пласиравме во следниот круг, иако сум горд што го победивме Мелсунген кој потоа играше во завршницата на овој куп. Многу сум разочаран од оној последен натпревар во Скопје, по натпреварот со Пелистер не сакав да зборувам за ракомет.

Го победивме Еурофарм Пелистер во Охрид во Купот со битолски судии и бројна битолска публика,  го победивме Пелистер и на гостински терен во Битола и кога беше најпотребно тука во Скопје не знам зошто го изгубивме натпреварот иако имавме активен резултат до 56 минута. За мене најголем виновник беше стручниот штаб, пред се тренерот, а потоа играчите. Подготвуваме екипа за Европа и како ретко кога Вардар го затвори ростерот уште во април, целта е да се освои прво место во Македонија, да се освои Купот на Македонија, а во Лига Европа која е се појака и појака целта ќе биде пласман меѓу 8 најдобри.

По недела незборување за ракомет почнавме разговори за нов тренер. Сите го паметите Чупиќ како легенда на Вардар двапати со него освоивме Лига шампионите, а особено го паметиме победничкиот гол против ПСЖ. Имавме доста комбинации за тренери, но се одлучивме за Чупиќ бидејќи уште како играч искажуваше некакви тренерски амбиции. Кога се разидовме со Чупиќ од Вардар не беше спорно да остане или бидејќи причините не беа само финансиски, туку тој ми побара после играчка кариера да биде тренер на Вардар. За да биде некој тренер на Вардар сметам дека му треба пракса на секој играч од барем една година како тренер за да може да го прифати предизвикот и затоа не го прифатив тогаш. Затоа сега кога се јавив и му кажав Чупиќ дали сакаш да дојдеш како тренер, ми кажа доаѓам веднаш и така се договоривме. Иван Чупиќ ќе биде прв тренер, Келентриќ кој во меѓувреме го договоривме и тој ќе биде тренер на голманите, додека Чупиќ ќе ги бира кондициски тренер и асистентите во стручниот штаб.

Стојанче Стоилов е икона на Вардар и за него секогаш има место во Вардар, сметам дека во моментов не е во позиција да го води Вардар, а на која позиција ќе биде во Вардар во иднина ќе видиме и ќе се договориме понатаму. За него секогаш вратата е отворена.

Со новиот тренер Иван Чупиќ договор е постигнат пред два дена и затоа сите детали околу новиот стручен штаб и како ќе изгледаат измените во составот на Вардар ќе се познати пред почетокот на новата сезона, во која претседателот на Вардар очекува освојување на два трофеи во македонското првенство и пласман меѓу ТОП 8 екипи во Европа.