Кој до директен опстанок, а кој во бараж – Струга или Радовиш?

Единствена останата дилема во битките за опстанок во Супер лигата е која екипа ќе избори директен опстанок, а која ќе мора да игра бараж со второпласираниот тим од прволигашкиот плеј-оф.

Пролет, Прилеп и Куманово одамна веќе можат да се подготвуваат за следната сезона, а останаа главоболките за Радовиш и Струга во последните две кола од суперлигашкиот плеј-аут.

Борец ФЛ беше исклучен од лигата, па нема директно испаѓање, и тоа им ги намали проблемите на сите што се бореа за опстанок. Радовиш и Струга имаат по осум бодови, но радовишани имаат подобар меѓусебен скор, па во случај на ист број бодови, Радовиш ќе биде подобро пласиран.

Тие имаат за играње уште две средби – дома го пречекуваат Прилеп, а гостуваат кај Пролет, додека Струга ќе игра само уште еден меч – против Прилеп, но иако како гостин тој натпревар треба да се игра во салата „Тими“, откако беа заменети домаќинствата во 5 коло.

Ако стружани слават, на радовишани ќе им треба една победа од двата меча за да бидат четврти на табелата и да осигураат опстанок во елитната конккуренција.