Крв, солзи, потрес на мозокот…битката за титула во Србија заврши со хаос!

Ракометарките на Црвена Ѕвезда го совладаа Железничар Инџија во првиот натпревар од финалната серија за титула со 29-23, но овој меч го одбележаа серијата на груби стартови, тешки прекршоци и повреди.

Поради грубата игра на домаќинките, ракометарките на Железничар во 60 минута ја оставија топката на паркетот и не напаѓаа, а клубот од Инџија се огласи со соопштенија.

Уна Обреновиќ заврши со тешка повреда на лигаментите, но тоа беше во соло продор, а Наташа Четковиќ остана без здив по грубиот старт на Сара Гаровиќ. Повреда заработи и Невена Тодоровски.

„Со бездушен фаул, противничката го загрози животот на Наташа и ја остави без здив“, напишаа од клубот од Инџија за својата ракометарка која лежеше на паркетот цели десет минути.

Таа ќе мора да мирува најмалку две недели и ќе го пропушти вториот меч од финалната серија.

Тодоровски доби силен удар и се сруши на паркетот.

„За среќа јаболчицата не е пукната. Ми направија скенер, грлото ми е отечено во пределот на гркланот, бидејќи ударот беше многу силен. Имам проблеми со голтањето и една вена е поместена, па ќе мора да мирувам“, изјави Тодоровски за „Журнал“.

Четковиќ има ужасни болки.

„Два пати ми правеа скенер на главата и на абдоменот, бидејќи имав ужасни болки. Наодите се добри, но имам потрес на мозокот. Неколку пати останував без свест и морам да мирувам најмалку две недели. Што се однесува до абдоменот, имам болки поради силните удари“, изјави Четковиќ за „Журнал“.

Финалната серија за титулата во Србија продолжува на теренот во Инџија на 21 мај.