Струга направи големо изненадување победувајќи го дома тимот на Пролет со 22-20 (9-10) во плејаутот. Со овие бодови стружани сега имаат големи шанси да го избегнат дури и баражот за опстанок. Сега Струга има 6 бода, еден помалку од Куманово, а два повеќе од Радовиш.
По исфрлањето на екипата на Борец ФЛ од лигата, никој нема директно да испаѓа, а последниот од табелата ќе игра бараж за опстанок.
Струга го почна мечот одлично, со водство 6-1, но и покрај фуриозниот старт немаа сили да го задржат темпото, па му дозволија на гостинот да направи пресврт и на одмор да замине со предност од 10-9.
Она што го пропуштија во првото, не им се случи во второто на домаќините.
Имаа водство постојано, и на крајот триумфираа со 22-20. Лазар Ристиќ со 7 гола и Александар Стојков со 6 беа најефикасни кај Струга, а кај гостите Андреј Стојановски постигна 5 гола.
Во следното коло Струга гостува кај Куманово, а Пролет е домаќин на Прилеп.